Јокиќ одигра меч со кој влезе во историјата на НБА-лигата (Видео)

Никола Јокиќ испиша нова историска страница во НБА-лигата откако стана само трет играч кој успеал да има трипл-дабл против сите клубови против коишто играл. Утрово Јокиќ блесна во победата на Денвер против Вашингтон со 130:110, а српскиот центар мечот го заврши со 21 поен, 19 скока и 15 асистенции.

Вашингтон беше последен од 29-те клубови кои се во НБА против кои Јокиќ немаше остварено трипл-дабл, а сега и тоа е завршена работа.

Јокиќ беше перфектен од поле и погоди 10 од 10 шута, а единственото промашување му беше еден шут од слободно фрлање. На крајот тој заврши со индекс од плус 23. Со овој трипл-дабл, Јокиќ застана рамо до рамо со Расел Вестбрук и Леброн Џејмс, кои досега беа единствените двајца кошаркари во историјата на НБА што имале трипл-дабл учинок против сите НБА-екипи против коишто играле. Србинот буквално си поигруваше со противниците од Вашингтон.

Одлична партија имаше и вториот балкански олстар-играч, Лука Дончиќ, кој го предводеше Далас до победа над Феникс од 123:113. Дончиќ постигна дури 41 поен, а имаше и 11 асистенции и девет скока, што значи дека му фалеше само еден скок за да има трипл дабл.

Во останатите мечеви кои утрово се одиграа во НБА-лигата: Кливленд – Орландо 109:116, Индијана – Детроит 129:115, Филаделфија – Њујорк 96:110, Торонто – Бруклин 121:93, Чикаго – Бостон 112:129, Њу Орлеанс – Хјустон 127:105, Оклахома – ЛА клиперс 129:107, Јута – Шарлот 107:115, Голден стејт – ЛА лејкерс 128:110, Сакраменто – Сан Антонио 127:122.

 

- Оглас -

Најнови вести