Јокиќ со звукот на сирената го разочара Дончиќ (видео)

Денвер нагетс го доби дуелот против Далас маверикс со минимални 100:99 благодарение на Никола Јокиќ, кој ги реализираше поените за победа на домашниот состав. „Црната“ серија за Далас продолжи и по овој меч, сега има седум последователни порази, додека има само една победа на последните 13 натпревари.

Далас подобро го започна мечот и речиси цело време имаше контрола врз резултатот. Домаќините само неколку минути во вториот период ја презедоа иницијативата, но со почетокот на второто полувреме, Маверикс одново се најдоа во пол-позиција. Во завршните 12 минути Далас влезе со +12, но тоа не беше доволно да се осигури позитивен исход.

При резултат 98:97 во корист на Денвер, Дончиќ реализираше со забивање и притоа доби дополнително слободно фрлање, но го утна. Со тоа му остави пет секунди на Јокиќ да се обиде да ја „украде“ победата, а српскиот центар го стори тоа на фантастичен начин. Јокиќ беше побрз од звукот на сирената и покрај тоа што немаше многу простор за чист шут, најде начин како да ја протне топката во обрачот.

https://twitter.com/nuggets/status/1106419307079041024

За домашниот состав најрасположен беше Пол Милсап со 33 поени и осум скока, Јокиќ заврши со дабл-дабл и скромни 11 поени и 14 скока. Во составот на поразените најефикасен беше Лука Дончиќ со дабл-дабл од 24 поени и 11 скока, а му недостасуваше една асистенција за трипл-дабл учинок.

https://www.youtube.com/watch?v=7mSdGw_6Bvg

 

Останати резултати НБА: Индијана пејсерс – Оклахома сити тандер 108:106; Орландо меџик – Кливленд кавалирс 120:91; Бостон селтикс – Сакраменто кингс 126:120; Торонто репторс – ЛА лејкерс 111:98; Јута џез – Минесота тимбервулвс 120:100.

- Оглас -

Најнови вести