Јувентус ќе го плаќа Кристијано само уште една сезона?

Иако има договор до 2022 година, Кристијано Роналдо во летото 2020 година би можело да си замине од Јувентус. Ова го шпекулираат некои италијански медиуми, кои тврдат дека трпението на клубот ќе попушти ако скапиот Португалец не им донесе европска титула во следната сезона.

Јуве го донесе Роналдо со една цел, да ја освои Лигата на шампионите, а откако сезонава патот го завршија во четвртфиналето, и тоа против Ајакс, кој беше аутсајдер, во клубот веќе почнале да размислуваат што да прават во иднина со најдобриот стрелец. Нема дилеми дека Роналдо им донесе пари, ефикасен е, ќе остане во претстојната сезона, но главната желба е титула во ЛШ.

Поразот од Ајакс придонесе за пад на акциите и ако резултатот не дојде, платата на Роналдо од 30 милиони евра по сезона ќе стане неисплатлива и Јуве ќе мора да се ослободи од него. Но, ако Јуве ја освои ЛШ во следната сезона, името на Роналдо ќе се слави во Торино уште долги години.

До крајот на сезонава Роналдо нема да биде немотивиран. Сака да биде прв стрелец во Серија А и да ја додаде италијанската на листата со англиската и шпанската лига во кои бил најефикасен. На шест кола до крајот, има 19 гола, три помалку од лидерот Квалјарела од Сампдорија, а тесна предност пред Роналдо имаат и Запата од Аталанта и Пјонтек од Милан.

- Оглас -

Најнови вести