Јужна Кореја загуби од Бразил и остана без селектор

Португалецот Пауло Бенто по поразот на Јужна Кореја од Бразил изјави дека повеќе нема да биде селектор на азиската репрезентација. Бенто на клупата на Јужна Кореја седеше четири години.

Јужна Кореја на Светското првенство во Катар одигра добро, го освои второто место во групата Х зад Португалија, а предвреме дома ги испрати Уругвај и Гана, но во осминафиналето загуби од Бразил со 4:1.

„Можеме да бидеме горди на крајот на натпреварот, исто како што можеме да бидеме горди на овие четири години што нè доведоа овде. Одигравме многу добро во групата, третпат игравме во нокаут-фазата. Немавме доволно време да се подготвиме за натпреварот како што сакавме и беше многу тешко“, изјави Пауло Бенто.

Тој на прес-конференцијата по наптреварот со Бразил откри и дека си заминува од селекторското столче на Јужна Кореја.

„Среќен сум поради четиригодишната работа со репрезентацијата на Јужна Кореја и би сакал да се заблагодарам за довербата. Можам да кажам дека нашето патување заврши на многу добар начин. Мора да му честитаме на Бразил бидејќи беше многу подобар“, додаде Бенто.

Бенто во тренерската кариера ги предводеше екипите на Спортинг Лисабон, Крузеиро, Олимпијакос и Чонгчинг, а од 2010 до 2014 година беше селектор на Португалија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести