Каде беше Сер Алекс Фергусон кога беше досуден пеналот за Манчестер? (Фото)

Оле Гунар Солскјер ни 100 дена не е тренер на Манчестер јунајтед, но со резултатите кои ги постигна веќе го има приматот за вистински наследник на легендарниот Сер Алекс Фергусон. Под водство на Солскјер, Манчестер победи на сите девет гостувања во три различни натпреварувања, а најзначаен беше синоќешниот триумф на гости кај Пари Сен Жермен со 3-1, по кој „црвените ѓаволи“ се пласираа во четвртфиналето од Лигата на шампиони.

На Манчестер му беше потребна победа со два гола разлика бидејќи на свој терен загуби со 0-2. Англичаните водеа со 2-1, а се играа 90+ минутите кога судијата Дамир Скомина реши да досуди пенал за Манчестер. Арбитерот се консултираше и со ВАР-системот откако судиите кои беа во контролната соба му посочија дека има играње со рака во шеснаесетникот на ПСЖ.

По прегледувањето на снимката, Скомина покажа дека е пенал, а Рашфорд во 93-тата минута погоди за 3-1 и пласман на некогашниот европски првак во четвртфиналето на ЛШ. Според многумина, пеналот е спорен, бидејќи играњето со рака е ненамерно. Далот шутираше од далеку и го погоди Кимпембе во лакотот на десната рака, а Французинот стоеше точно на линијата на шеснаесетникот.

Многумина веруваат дека пеналот е досуден поради историјата и традицијата која ја има Манчестер јунајтед во Лигата на шампионите, за разлика од ПСЖ, клуб кој никогаш не играл ниту во полуфиналето. На социјалните мрежи се појави и монтирана фотографија на која легендарниот Фергусон седи во ВАР-собата и како тој да влијае врз судијата да биде досуден пеналот.

Инаку, Фергусон навистина беше на „Паркот на принцовите“, но на трибините, а по мечот, заедно со некогашниот играч на Манчестер јунајтед, Ерик Кантона, влегоа во соблекувалната и им честитаа на „црвените ѓаволи“ за големиот пресврт кој го направија на двомечот со ПСЖ.

- Оглас -

Најнови вести