Како дете продавал очила за сонце и часовници на грчките плажи, а сега е главна ѕвезда во НБА-финалето

Милвоки бакс речиси половина век чекаше за повторно да игра во големото НБА-финале. Бакси вечерва ќе гостуваат кај Феникс санс, во првиот меч од финалната серија и битката за шампионскиот трофеј во најсилната кошаркарска лига во светот.

Главната причина поради која Милвоки веќе две сезони е во врвот на НБА-лигата е нивната прва ѕвезда Јанис Адетокумбо. Грчкиот репрезентативец минатата сезона беше МВП во регуларниот дел од сезоната, а сега е во мисија да стигне до МВП во финалето и да се закити со шампионскиот прстен.

Во 2013 година, Јанис се појави како тинејџер чие име беше тешко да се изговори, а Милвоки реши да го доведе во своите редови и да му даде шанса во НБА-лигата. Претходно Јанис имаше играно само за аматерската екипа Филатхлитикос, чии мечеви никогаш не биле пренесувани на телевизија или преку интернет, па малку се знаеше за квалитетот на високиот Јанис.

Со многу работа и талентот што го има, Јанис не само што покажа дека заслужено е дел од НБА, туку таму стана еден од најдоминантните играчи. За тоа колку е добар Гркот, се потврди минатата сезона, кога ја доби наградата за МВП на првенството. Иако Милвоки тогаш го имаше најдобриот скор во лигата, не успеа да се пласира во финалето.

Тоа што на Јанис и Милвоки не им успеа минатата сезона, го направија сега. Милвоки е дел од финалето на НБА. Само неколку години пред да заигра кошарка, Јанис бил едно од оние илјадници деца кои продаваат разни производи на плажите низ цела Грција.

Родителите на Јанис, Вероника и Чарлс се нигериски имигранти кои во 1991 година во Атина допатувале од Лагос. Целото семејство Адетокумбо живеело во стан од 25 метри квадратни, а освен Јанис, таму биле и неговите тројца браќа. Мајката Вероника работела како дадилка, а таткото Чарлс како мајстор. Децата морале да работат како продавачи по плажите во Атина. На туристите им продавале лажни брендирани чанти, часовници, очила за сонце, ДВД со филмови и музика…

„Јанис беше едно од оние деца кои постојано ги гледате на улиците што бараат како да заработат за храна“, откирва еден нивен сосед.

Јанис решил да започне да тренира кошарка, а уште на првиот меч покажал дека е чудо од играч. Во јуниорска конкуренција постигнал 50 поени на првиот меч. Започнал да заработува по 500 евра месечно, што било одлично за неговото семејство.

Кога наполни 18 години, Јанис реши од Грција да замине во НБА и останатото е историја. Тој сега е во финалето во најсилната лига во светот. Гркот се жали на повреда и уште е неизвесно дали вечерва ќе настапи на првиот меч од финалето.

 

- Оглас -

Најнови вести