Како Јувентус го отфрли моментно најдобриот стрелец во Европа?

Многу одамна Абрахам Линколн, некогашниот претседател на САД, има изјавено: „Секогаш имајте на ум дека вашата лична одлука да успеете е многу поважна од чија било друга“. Ако за некој играч може да се употреби оваа легендарна реченица, тогаш тоа сигурно е Чиро Имобиле.

Напаѓачот на Лацио има поминато низ „сито и решето“ за да стигне до врвна фудбалска кариера, во која ужива во овие моменти. Имобиле блеска во небесносиниот дрес, па Лацио дури ги оживеа шансите дека може да стигне и до Скудетото во Серија А. Римскиот тим моментно има пет бода помалку од лидерот Јувентус, но има и меч помалку, па со победа денеска на дуелот против Верона може да стигне само на минус од два поени.

Имобиле е двигателот во играта на Лацио. Вкупно има постигнато 28 голови во исто толку мечеви во сите натпреварувања. Во Серија А е убедливо најдобар стрелец со 25 гола во 21 меч. Зад него се Кристијано Роналдо со 19 голови и Ромелу Лукаку со 16 погодоци. Освен што погаѓа, Имобиле знае и да асистира, па има и пет додавања за погодоци, што е доволно да биде на петтото место на листата во италијанското првенство во оваа категорија. Кога не е на теренот, Имобиле често сака да игра видеоигри во својот дом.

ТИМОТ НА КЛАУДИО ЛОТИТО ГО ОДБИЛ КАКО ДЕТЕ

За 15 дена Имобиле треба да наполни 30 години, што само потврдува дека е во најзрелите фудбалски години. Роден во близина на Неапол, уште како дете го засакал фудбалот, а на 12 години се обидел да влезе во школата на тогашниот второлигаш Салернитана, но бил одбиен.

Во тоа време прв човек на Салернитана бил Клаудио Лотито, кој сега е на чело на Лацио, а Имобиле херојот на клубот. Откако бил одбиен од Салернитана, Имобиле заминал во аматерскиот тим на Соренто, каде што поминал шест години.

ЈУВЕНТУС ГО ЗАБЕЛЕЖА НА 17 ГОДИНИ, НО НЕ ВЕРУВАШЕ ВО НЕГО

Во последната сезона дал 30 голови и на 17 години веднаш го привлекол вниманието на Јувентус. За сума од 80.000 евра дошол во торинскиот гигант. Со младинскиот тим на Јувентус го освојува турнирот во Вијареџо, а во финалето против Сампдорија (4:1) даде два гола.

Тоа беше сигнал Имобиле да дебитира за Јувентус во Серија А, кога во 89-тата минута влезе на местото на легендарниот Алесандро дел Пјеро на дуелот против Болоња. Тренираше со првиот тим, но играше за младинците, па во 2010 година повторно го донесе трофејот од Вијареџо турнирот, а во финалето даде три гола против Емполи (4:2).

Сепак, во првиот тим на Јувентус одигра само три меча во Серија А и како и многу млади играчи, беше даден на позајмица. Играше за Сиена, па за Гросето и Пескара. Во Пескара на 37 меча даде 28 гола во сезоната 2011/12, но тоа не беше доволно за тогашниот тренер на Јувентус, Антонио Конте, да го повика кај Старата дама.

ВО ТОРИНО ГО ПОКАЖА КВАЛИТЕТОТ, НЕ МУ „ЛЕЖЕШЕ“ ИГРАЊЕТО НАДВОР ОД ИТАЛИЈА

Чиро беше продаден во Џенова за сума од 6,5 милиони евра, а по една сезона повторно се врати во Торино, но не во Јувентус, туку во екипата на Торино за сума од 7 милиони евра. Во дресот на Торино даде 23 гола, но и покрај тоа, Јувентус, кој имаше половина од сопственоста на Имобиле, не беше заинтересиран, па за осум милиони евра ги продаде своите права врз голгетерот.

Торино реши да  заработи од Имобиле и во 2014 година го продаде за сума од 18,5 милиони евра. Напаѓачот замина во Борусија Дортмунд. Менувањето на родната земја не го поднесе добро, па Имобиле не се снајде најдобро во Борусија, а потоа ниту во Севилја, каде што беше позајмен, па на крајот се врати на позајмица во Торино.

ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ ТРАНСФЕРИ ВО ИСТОРИЈАТА НА ЛАЦИО

Во 2016 година Имобиле доби повик од спортскиот директор на Лацио, Игли Таре, и по договор со тренерот Симоне Инѕаги за сума од 10 милиони евра направи трансфер во Лацио. Со тоа што Чиро го прави во овие четири сезони во дресот на небесносините, се покажува дека тоа е еден од најдобрите трансфери во историјата на Лацио.

Вкупно за Лацио има дадено 114 гола во 162 меча во сите натпреварувања, а тоа што го прави сезонава, го носи на врвот на листата на стрелци во Европа. Зад Имобле во трката за Златна копачка на Европа се наоѓаат Роберт Левандовски со 22 гола и Тимо Вердер со 20 гола.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести