Како Кристијано Роналдо стана клучен играч за вчерашната победа на Реал против Барселона?

За девет сезони поминати во дресот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо постигна неверојатни 311 голови во 292 меча за најтрофејниот шпански клуб. Откако со Кралскиот клуб ги освои сите најзначајни трофеи, Португалецот реши да најде нов предизвик, па се пресели во Јувентус. Во летото 2018 година, Роналдо потпиша за италијанскиот првак, но остана голем фан на Реал Мадрид.

По пауза од една и пол година, синоќа Роналдо повторно се појави на „Сантијаго Бернабеу“. Неговото доаѓање во Мадрид не беше планирано, затоа што тој требаше да игра за Старата дама во дербито против Интер. Сепак, поради стравот од Коронавирусот, Дербито на Италија се одложи, па Роналдо ја искористи можноста да замине во Мадрид и да го следи Ел Класико.

Навивачите на Реал со овации го поздравија нивниот поранешен херој, а Роналдо делеше автограми и се фотографираше со фановите. На крајот Реал стигна и до победа од 2:0, со која се искачи на чело на табелата, со еден бод повеќе од Барселона.

Двата гола Реал ги даде во вториот дел. Винисиус Јуниор погоди за 1:0, а Дијаз со голот во последните моменти го потврди триумфот. Токму Винисиус по постигнувањето на погодокот прослави во стилот на Роналдо, а новиот херој на Реал по мечот откри зошто го направил тоа.

„Роналдо на полувремето дојде во соблекувалната. Сакаше да ни даде морална поддршка. Затоа и јас прославив во негов стил. Тој е победник на теренот, но и надвор од него“, откри Винисиус по мечот.

Интересно е што Барселона доминираше во првото полувреме и создаде многу шанси за гол, но не искористи ниту една. Откако Роналдо на полувремето се појавил во соблекувалната на Реал, Кралевите во второто полувреме заиграа многу подобро и постигнаа два гола на кои Кристијано се радуваше како тој да е на теренот.

 

- Оглас -

Најнови вести