Kако селектор прави чуда со младите ракометари, како тренер на Тиквеш го „потопи“ Вардар, а сега состави хуманитарен тикет (Фото)

Поранешниот македонски ракометен репрезентативец кој имаше успешна играчка кариера, а сега тренер и селектор, Раде Стојановиќ, е ракометна „фаца“ во изминатата седмица откако со Тиквеш го сруши најтрофејниот ракометен колектив во Македонија, Вардар.

Во третото коло во ракометниот плејоф, Тиквеш го совлада Вардар со 22:20.
„Има повеќе фактори за победата, а еден од најважните е тоа што во претходното коло одигравме добро со Алкалоид и видовме дека можеме да играме со најдобрите екипи и се договоривме ако ја повториме таа игра, дека е можно изненадување и токму тоа и се случи. Исто така голем удел во победата имаат навивачите, кои направија прекрасна атмосфера и ни дадоа крилја“, вели Раде Стојановиќ.

Интересно е што Вардар и минатата сезона не успеа да слави во Кавадарци (32:22).

Победата над Вардар се покажа како одличен потег на управата на Тиквеш, пред стартот на плејофот, довербата да ја води екипата да му ја даде токму на Стојановиќ. Во досегашните три кола, Тиквеш има учинок од две победи над Вардар и Струга, а минимално загуби од лидерот на табелата Алкалоид (26:25) и се наоѓа на четвртото место на табелата со седум бода.

„Искрено, кога го презедов Тиквеш, не поставив големи цели. Ако гледаме реално, ќе се бориме за четвртото месо, но играме добро и се надевам дека ќе продолжиме со ваквите игри.  Амбициите веднаш пораснаа и веднаш сме силни, но има уште многу да се игра и не смееме да се залетуваме. Рано е да се даваат прогнози“, ја смирува еуфоријата Стојановиќ.

КВАЛИТЕТОТ НА ЛИГАТА Е КРЕНАТ ЗА 20 ОТСТО

Пред да седне на клупата на Тиквеш, последниот тренерски ангажман на Стојановиќ во македонски тим му беше во 2022 година, кога го предводеше Охрид. Паузата од повеќе од една година е доволно долга за Стојановиќ да може да ја види разликата во квалитетот во македонскиот клупски ракомет.

„Квалитетот на лигата е кренат за 20 отсто, а Алкалоид е тим кој тогаш го немаше во Суперлигата. Сега Алкалоид е лидер на табелата, Е. Пелистер игра во ЛШ, Охрид има сериозен тим, Вардар си е Вардар, а и Бутел и Пролет имаат одлични екипи. Се надевам дека овој квалитет ќе се задржи и во наредните години и повеќе македонски ракометари ќе излезат од овие натпревари, што би било прекрасно за нашата репрезентација“ смета Стојановиќ.

Освен на клупски план, Стојановиќ бележи огромни успеси и како селектор на младите репрезентации. Тој со кадетската репрезентација во 2022 година триумфира на ЕХФ-шампионатот во Рига и со тоа си обезбеди пласман на минатогодишното СП и на младинското ЕП, кое ќе се игра претстојното лето во Целје, Словенија.

„Наше е да ја повториме играта од минатите настапи на големите натпреварувања. За мене е најважно да играме борбено за секоја топка“, вели Стојановиќ.

Иако никогаш во животот не се обложил, Стојановиќ се согласи да направи хуманитарен тикет надевајќи се дека неговите предлози ќе бидат успешни и ќе донесат радост и насмевки таму каде што се најпотребни.

Еве како изгледа хуманитарниот тикет на Раде Стојановиќ:

 

- Оглас -

Најнови вести