Како успеа Грожан да ги помине 27-те секунди од пеколот!?

Роман Грожан е вистинскиот херој по вчерашната трка за Големата награда на Бахреин. Францускиот возач цел живот ќе го памти моментот кога уште во првиот круг неговиот болид излета, удри во заштитната ограда и се запали. Огромни пламени јазици се вивнаа над болидот во кој беше Грожан.

За брзо време се појавија и спасувачките екипи, а кога тие започнаа во обидот да го изгазнат пожарот и да го извадат Грожан од болидот, се случи чудо. Францускиот возач скокна од запалениот болид и успеа да избега пред да експлодира.

„Вистинско чудо е како е жив“, беше коментарот на некогашниот светски првак во Ф1, Дејмон Хил. Британецот беше клупски колега на Аиртон Сена, кога легендарниот Бразилец загина на патеката во Имола на 1 мај 1994 година.

Многумина се чудеа како успеа Грожан за толку кратко време да излезе од запалениот болид, иако само неколку секунди претходно имаше страшен судир. Поранешниот возач Јолион Палмер објаснува дека сите возачи пред почетокот на сезоната прават тестови на кои мора да покажат за колку брзо време може да излезат од болидот.

„Со причина се прават тестовите на почетокот на сезоната, кога се гледа кој возач за колку брзо време може да го напушти болидот. Морате тоа да можете да го направите за помалку од 10 секунди. Грожан имаше среќа што во судирот не заработи повреди на нозете“, објаснува Палмер.

Според направената реконструкција и пресметаното време, од ударот на болидот до излегувањето на Грожан поминале само 27 секунди.

„ВО 12 ГОДИНИ НИКОГАШ НЕ СУМ ВИДЕЛ ТАКВО НЕШТО“

По судирот на Грожан, прв на местото на несреќата пристигна Алан ван дер Мерве, возачот на автомобилот со лекарската екипа.

„Бевме шокирани од глетката. Болидот беше скршен на два дела. Во 12 години работа, никогаш досега немам видено таков пожар. Неверојатно е дека Грожан успеа сам да излезе од болидот. Големо олеснување за сите нас беше кога видовме дека Грожан е добро. Кога излезе, му реков да седне, но Грожан беше во шок. Визирот му беше стопен од оганот, но тоа го спасило да не се надише многу од токсичниот дим. Вистинско чудо е што помина само со повреди на рацете и нозете“, раскажува Ван дер Мерве.

Грожан со хеликоптер веднаш беше префрлен во болница, а неколку часа подоцна, Французинот упати и видео порака во која вели дека има изгореници на рацете и дланките, но дека се чувствува добро и дека за брзо време очекува да се врати во нормала.

- Оглас -

Најнови вести