Се спаси жив да не изгори во болидот, а сега се јави со порака од болница (Видео)

Луис Хамилтон победи на трката за Големата награда на Бахреин, но најважно од сè беше како Роман Грожан успеа да се спаси во стравичната несреќа која се случи во првиот круг од трката. Францускиот возач со голема брзина удри во оградата, а болидот веднаш се запали.

Брзо реагираа стјуардите, кои му помогнаа на Грожан да излезе од запалениот болид. Неколку секунди откако возачот излезе, болидот експлодира и целосно изгоре.

Грожан со хеликоптер беше однесен во болница, а од неговиот тим информираа дека заработил помали изгореници на рацете.

„Грожан е добро. Има мали изгореници на рацете и на зглобовите. Свесен е и му се прават дополнителни прегледи. Добро е што спасувачката екипа брзо реагираше. Редарите и ФИА одлично ја завршија работата. Беше страшно и добро е што заврши без посериозни последици“, вели директорот на тимот на Хас, Гинтер Стејнер.

Подоцна и самиот Грожан упати порака од болницата.

„Поздрав до сите. Само сакам да ви кажам дека сум добро. Ви благодарам на сите за пораките и посебно благодарам за луѓето кои беа покрај патеката и веднаш помогнаа. Благодарам и на лекарите во болницата. Се надевам дека наскоро ќе можам да пишувам пораки и со прстите, па да ве известувам во каква состојба се наоѓам“, порача Грожан.

- Оглас -

Најнови вести