Каков крај: Алавес со гол во 130 минута обезбеди пласман во шпанската елита (Видео)

Екипата на Алавес е последниот член кој обезбеди место во шпанската Примера дивисион за следната сезона. Во неверојатен финиш на сезоната, Алавес со 1:0 победи на гости кај Леванте и тоа со погодок во 130 минута од мечот!

На дуелот кој се играше во Валенсија, во регуларните 90 минути немаше погодоци, исто како што беше и на првата средба кога Алавес беше домаќин, па мораа да се играат продолженија.

Кога изминаа 120 минути сите очекуваа крај и пенал-рулетот да го одлучи победникот, но тогаш се случи нешто неочекувано. Еден од фудбалерите на Леванте играше со рака во својот шеснаесетник, па ВАР системот тоа го забележа.

Неколку минути траеше проверката, за да на крајот биде одлучено дека треба да има пенал за гостите. Буквално се играше 130 минута кога Асијер Вилјарибре погоди од пенал за 1:0, гол кој се покажа како клучен за влез во Примера дивисион на тимот од Виторија.

Покрај Алавес, од Сегунда во Примера се пласираа и Гранада и Лас Палмас, додека од елитното друштво во Сегунда заминаа Валјадолид, Елче и Еспањол.

- Оглас -

Најнови вести