Каква привилегија – Пандев пак ќе игра на најстарото дерби во Италија, Џенова пред повеќе од еден век си „купи“ титула со стотици лири и ноќно патување со брод за Росонерите

Горан Пандев повторно ќе игра за Џенова против Милан во најстарото дерби во Италија, денеска од 20.45 часот на „Луиџи Ферарис“.

Пандев е фудбалска икона на Чизмата и еден од активните играчи со најдолг стаж, а и денеска ќе учествува во убавата фудбалска бајка меѓу Џенова и Милан, две екипи што ги удрија темелите на италијанскиот фудбал.

Џенова е најстариот клуб во Италија формиран во септември 1893 година и освојувач на првите три титули на Чизмата.

Популарните Грифони доминираа од 1898 до 1904 со вкупно 6 од 7 шампионски круни, а низата им ја расипа токму Милан со освоената титула во 1901 година.

Интересна е приказната за финалето во 1902 година што го играа двете екипи, а го доби Џенова со 2:0.

Закажаниот термин бил на 13 април, домаќин требало да биде Милан, кој тогаш бил актуелен првак.

Росонерите барале мечот да се одложи бидејќи теренот бил зафатен во тој термин, но не добиле зелено светло и финалето се играло во Џенова.

Како компензација, домаќините им платиле на сите играчи на Милан по 15 лири, ручек и ноќно патување со брод.

Гостите го прифатиле предлогот, а Џенова со победа од 2:0 ја освои тогаш четвртата круна во петтото првенство на Италија.

Милан во продолжение имаше многу повеќе успеси и освои 18 Скудета, а Џенова има 9, сите освоени во периодот од 1898 до 1924 година.

Како шлаг на тортата на долгото ривалство на двата клуба, денеска за првпат на клупата на Џенова против Милан ќе биде Андриј Шевченко, кој е поранешен играч на Росонерите со по една титула во Калчото, во Купот и Суперкупот на Италија, Лигата на шампионите и Супер купот на УЕФА.

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести