Вардар денеска слави титула, а еден од најзаслужните за овој успех е Стефан Цветковиќ. Српскиот интернационалец пред само четири месеци го облече црвено-црниот дрес и веднаш покажа дека ќе биде еден од клучните играчи на теренот. Во 16 меча кој го одигра во пролетниот дел, Цветковиќ одигра феноменално и постигна девет погодоци.
Секогаш кога тој ќе постигнеше гол, Вардар победуваше, а дури пет средби Црвено-црните ги добија со 1:0 благодарение на неговите голови. Цветковиќ погодуваше во победите на Вардар со 1:0 против Башкими, Силекс, Брера, Работнички и Струга во претходното коло. Токму со триумфот над Струга, Вардар ја обезбеди титулата.
Самиот Стефан вели дека не очекувал за толку брзо време така добро да се вклопи во тимот на Вардар.
„Ова е прва титула за мене во кариерата. Кога потпишав за Вардар знаев дека доаѓам во најтрофејниот клуб во Македонија, но не очекував дека толку брзо ќе се вклопам. Играчите одлично ме прифатија, на теренот се вклопив и секако дека сум пресреќен“, ни изјави Цветковиќ.

Популарниот Цвеле вели дека денеска против Шкендија ги чека меч за уживање, меч на кој Вардар ќе ја слави заслужената титула. Стефан се надева дека токму во дуелот против Шкендија може да стигне до 10-тиот гол во дресот на Вардар и со чиста десетка како што одигра на секој меч, да ја заврши сезоната.
„Не очекував дека ќе постигнам толку погодоци. Знам дека некои од нив беа клучни за да победиме. Би било убаво денеска против Шкендија да стигнам и до десетиот погодок, но и ако тоа не се случи, секако сум презадоволен од направеното во оваа полусезона“, додава Цветковиќ.
Договорот на Цветковиќ со Вардар истекува на крајот од сезонава, што значи дека тој е слободен играч, но додава дека би сакал да продолжи да го носи црвено-црниот дрес на Вардар. Претходно имаше најава дека Цветковиќ може да се пресели во рускиот тим Пари од Нижни Новгород, но таа опција паѓа во втор план затоа што клубот испадна од елитното руско првенство.
„Одлично сум прифатен во клубот од сите и приоритет ми е да останам тука. Сакам да играм во европските купови со Вардар. Работата околу договорот ја препуштам на мојот менаџер. Јас сум среќен во Вардар и тоа е моја прва опција“, заврши Цветковиќ, кој е играчот што го одбележа пролетниот дел од сезоната во македонското првенство.

