Какво понижување за Милвоки, Јанис и соиграчите загубија со 40 поени разлика од Мемфис (Видео)

Кошаркарите на Милвоки бакс доживеаја вистински дебакл на гостувањето кај Мемфис гризлис губејќи со неверојатни 41 поен разлика (142:101).

Сите дилеми околу победникот беа разрешени уште по првото полувреме, кое Мемфис предводен од Џа Морант го доби со 70:41. Морант на паркетот помина само 26 минути, но и тоа беше доволно за да оствари трипл-дабл од 25 поени и по 10 скокa и асистенции. Кај Милвоки, Јанис Адетокумбо даде 19 поени.

Мајами хит со 111:108 славеше над Хјустон рокитс благодарение на неверојатната партија на Тајлер Хироу. Бекот на Жешките даде рекордни за него во кариерата 41 поен. Интересно е што на 4.40 минути до крајот, Мајами имаше преднос од 111:99, но Ракетите до крајот направија серија од 9:0 и на две секунди до крајот на мечот имаа шут за три поени кој го промаши Исон.

Јута џез во продолжението од пет минути успеа да дојде до победата од 132:129 над Њу Орлеанс пеликанс. Одлични кај Џезерите беа Џордан Кларксон со 39 и Лаури Марканен со 31 поен, додека кај Њу Орлеанс се истакна Зајон Вилијамсон со 31 постигнат поен.

Феникс санс лесно излезе на крај со ЛА клиперс, за кого не настапија првите две ѕвезди, Кавај Ленард и Пол Џорџ, и славеше со 111:95.

Резултати: Хјустон – Мајами 108:111, Мемфис – Милвоки 142:101, Јута – Њу Орлеанс 132:129, ЛА клиперс – Феникс 95:111.

- Оглас -

Најнови вести