Канаѓаните Феликс и Лејла пишуваат историја на гренслемот во Њујорк

Канадскиот тенис доживува „бум“ на гренслемот во Њујорк и за првпат во историјата двајца претставници во машка и женска конкуренција ќе се борат за пласман во големите финалиња на последното Отворено првенство за оваа сезона.

Феликс Ожер-Алијасим испиша историја како најмлад тенисер по Хуан Мартин Дел Потро кој стигнал до топ 4 фазата на шампионатот во Њујорк, а за тоа остварување не мораше многу да се мачи бидејќи Карлос Алкарас, шпанскиот тинејџер, го предаде мечот при негатива од 1-0 во сетови и 3-1 во гемови во вториот сет.

Шпанската сензација која славеше во можеби најинтересниот меч во Њујорк надигрувајќи го Стефанос Циципас, се повреди и не можеше да продолжи, па 21-годишниот Ожер-Алијасим си закажа битка за големото финале против вториот светски рекет Данил Медведев.

Лејла Фернандес во понеделникот го прослави својот 19-ти роденден, а вчеравечер ја надигра моментално петтата најдобра тенисерка Елина Свитолина со 2-1 во сетови (6-3, 3-6, 7-6) за прв пласман во кариерата во едно гренслем полуфинале.

Младата Канаѓанка во решавачкиот сет добиваше отпор од бронзената тенисерка на последните Олимписки игри, но во тајбрејкот Фернандес одигра речиси без грешка и го доби со 7-5. Лејла кон патот до големото финале ќе треба да ја елиминира Арина Сабаленка, рекетот број 2 во женскиот тенис, за да се бори за прва гренслем титула во кариерата.

- Оглас -

Најнови вести