Капитенот на Грузија е сигурен во успех: Пред 55 илјади навивачи сме непобедливи

Грузијците имаат одлична атмосфера пред мечот со Македонија задутре во Тбилиси, а во дербито од петтото коло во Лигата на нациите очекуваат и десетти меч по ред без пораз.

Грузија ја чека Македонија во пеколна атмосфера, пред скоро 55 илјади публика на „Динамо арената“ задутре од 18 часот, а домаќините се во одлична серија од 7 победи и две нерешени, па веруваат во десетка.

„Македонија е опасен ривал што ни го скрши срцето пред две години кога нè победија и се пласираа на ЕП. Сега сепак ќе биде поинаку бидејќи ќе играме со публика, а знам дека сме непобедливи кога на трибините за нас навиваат 55 илјади гледачи. Очекувам веќе задутре да го осигуриме првото место во групата“, вели капитенот на Грузија, Гурам Кашија.

Грузија има 10 бода на првото место на табелата и дуели со Македонија и Гибралтар до крајот на првата фаза во Сегментот Ц во Лигата на нациите.

Македонија е втора со 7 бода и ја очекуваат мечеви со Грузија и Бугарија, а лошо за нас е што во случај на еднаков број бодови со Грузијците, ќе одлучува меѓусебниот биланс, а бевме поразени во Скопје со 0:3, па сега ни треба висока победа во Тбилиси за прво место.

- Оглас -

Најнови вести