Капитенот на Косово: Ќе изгинеме на терен за подвиг против Англија

Англија нема добри спомени од стадионот „Сент Мери“ во Саутхемптон, каде што одигра само еден квалификациски меч досега, тој против Македонија во 2002 година, што заврши 2:2, а токму тука вечерва ќе гостува Косово.

Мечот во октомври 2002 беше антологиски за Македонија, а ќе се памети по одличниот резултат и, секако, по голот од корнер што Артим Шаќири му го даде на Дејвид Симан.

По 17 години пауза, Гордиот Албион сака победа во Саутхемптон, но гостите велат дека ќе се обидат да приредат подвиг и да останат непоразени.

Косово доаѓа со серија од 15 меча без пораз, а амбициите пораснаа, па се споменува и пласман на ЕП 2020 година.

„Ќе изгинеме на теренот ако треба, само да успееме да приредиме подвиг против Англија. Знаеме со кого играме, Англичаните се една од најдобрите светски селекции, но и ние играме добро и не сме без шанси. На теренот ќе дадеме сè од себе за поволен резултат, а сонот е да играме на големо натпреварување“, изјави капитенот на Косово, Самир Ујкани.

Мечот ќе се игра од 20.45 часот, а е дуел на двете првопласирани селекции и единствени непоразени во групата А за пласман на ЕП 2020 година.

 

- Оглас -

Најнови вести