Капитенот на Валенсија останува на „Месталја“ до 2022 година

Дани Парехо ја продолжи соработката со Валенсија откако го стави својот потпис на договор. Капитенот на „лилјаците“ ќе се задржи на „Месталја“ најмалку до јуни 2022 година, а според договорот, обновената клаузула иснесува 50 милиони евра.

На овој начин, Парехо ќе може да заокружи една деценија како ги брани боите на Валенсија, откако во 2011 година за осум милиони евра пристигна од редовите на Хетафе. Шпанскиот играч за врска настапи на повеќе од 300 меча во белиот дрес, а досега постигна 51 гол во сите натпреварувања.

„Денес сум горд што можам да кажам дека уште долго време ќе бидам капитен и ќе ги бранам боите на овој клуб. Секој ден максимално работам за да докажам дека вредам што ми е дадена таа доверба и целосно сум насочен кон Валенсија“, истакна Парехо.

Валенсија изминатиов викенд успеа да украде бод на „Камп ноу“ против Барселона, а сега „лилјаците“ се пред нов предизвик. За три дена гостуваат кај Бетис, во првиот полуфинален дуел во Купот на Кралот.

- Оглас -

Најнови вести