Капитенот удри по газдата: Не може да имаме 30-мина фудбалери во тимот, моравме да одиме во поголема соблекувална

Екипата на Челзи вчера го заврши настапот во Лигата на шампионите откако и во реваншот од четвртфиналето на „Стемфорд бриџ“ загуби со 2:0 од Реал Мадрид, а денеска почна да излегува валканиот „веш“ од соблекувалната на Сините.

Сините играат очајно сезонава, новиот сопственик, американскиот милијардер Тод Боли, во последните два преодни рока потроши повеќе од 600 милиони евра и веќе смени двајца тренери, сезоната ја почна Томас Тухел, кој беше заменет со Греам Потер, а сега на клупата седи Франк Лампард, но и покрај сè, тимот најверојатно ќе остане без пласман во европските купови.

Поради хаосот кој владее на „Стемфорд бриџ“, се огласи еден од капитените, Тијаго Силва, кој ги критикуваше новите сопственици поради начинот на којшто го водат клубот, како и дека не се разбираат воопшто од фудбалот.

„Направен е првиот чекор, погрешен, но барем е направен. Се сменија сопствениците и дојдоа нови фудбалери. Моравме да се преселиме во поголема соблекувална бидејќи актуелната не можеше да ги собере сите. Тренерот не е виновен, тој може да избере само 11-мина играчи во првиот тим, а ние во соблекувалната имаме повеќе од 30-мина. Некои не можат да бидат во тимот, а во јануари беа донесени уште осуммина нови фудбалери. Мораме да запреме тука и да се направи стратегија, во спротивно ќе ги направиме истите грешки во иднина. Во соблекувалната секогаш има незадоволство бидејќи не можат сите да играат. Мора да го намалите кадарот“, изјави Силва.

Шокот за Силва ќе биде поголем ако налето не бидат продадени неколку фудбалери бидејќи веќе е договорено доаѓањето на Кристофер Нкунку, Кендри Паез, Мало Гуско, а од позајмица се враќаат Ромелу Лукаку, Андреј Сантош и Калум Хадсон-Одои.

„За мене ова е тешка и фрустрирачка сезона, а можеби и го одиграв последниот натпревар во Лигата на шампионите“, вели Бразилецот.

- Оглас -

Најнови вести