Кари ја раскажа и темната страна на младите богати спортисти

Еди Кари беше голем талент и високо рангиран како четврти пик на драфтот во НБА во 2001 година, но немаше кариера што од него ја очекуваа.

Во потресна приказна поранешниот кошаркар на Чикаго булс, Њујорк никс, Мајами хит и Далас маверикс раскажува за темната страна на спортистите кои одеднаш на млади години стануваат милионери.

„Имав пријател во кој имав верба како во роден брат. Ми беше сметководител и му дадов документи за моето животно осигурување да ги испрати на мејл до фирмата што само требаше да ги потпише документите за да бидам обезбеден до крајот на животот. Знаете што направи? Во формуларот го додаде неговото име и 10 проценти сега ќе одат за него во случај на моја смрт. Ме растревожи што загубив пријател во кого имав бескрајна доверба. Процентот не ми е важен“, раскажува Кари.

И продолжението на приказната на Кари е со многу интриги во кои и самиот бил вплеткан. Тајно имал афера со жена која беше убиена во 2009 година заедно со нејзината 10-месечна ќерка. Неговиот син Ноа, кој тогаш имаше 3 години, а е роден во врската меѓу убиената Нова Хенри и кошаркарот, беше сведок на убиството, па Кари преживеа и семејна драма.

„Тогаш играв за Њујорк никс и веднаш долетав дома. Ноа беше до неговата мајка и сестра. Се обидувал да ги разбуди, мислејќи дека спијат, па и тој си легнал до нив. Бев потресен. Правев глупости, бев млад човек со многу пари“, вели Кари.

За да биде уште поинтригантно, Еди открива и дека неговиот агент го поткраднувал кришум.

„Си земаше заеми во мое име и ми потроши еден тон пари. Со лажен печат во мое име само во една прилика си подигнал заем од 500 илјади долари, што потоа со камати достигна сума од 2 милиони евра. Загубив уште еден човек за кого мислев дека ми е близок пријател“, ја заврши својата приказна Кари.

 

- Оглас -

Најнови вести