Кари: Покажавме шампионски менталитет

Стеф Кари беше „виновникот“ за метлата на Портланд, ѕвездата на Голден стејт во четвртиот дуел против Блејзерс блескаше на теренот остварувајќи троен учинок од 37 поени, 13 скока и 11 асистенции. Tрикратниот шампион на НБА и двократен освојувач на МВП-наградата се истакна како вистински лидер на тимот во отсуство на повредениот Кевин Дурант, а и без него беа пресилни за Портланд.

Сепак, тој смета дека пласманот во новото финале е заслуга на целиоттим, како на првотимците така и на оние кои добиваат шанса од клупата.

„Сите моравме да се истакнеме. Со Дурант имаме баланс во тимот, а без него моравме да покажеме повеќе агресивност на теренот, но и повеќе желба дека сакаме да играме во ново финале. Грин, Томпсон, како и сите резерви ја презедоа одговорноста, како тим покажавме колку сме силни. Пред секој дуел знаевме дека ќе биде тешка борба, во моменти кога беше тешко, го покажавме шампионскиот менталитет. Малку ми е смешно бидејќи говореа дека имаме тенка клупа и дека сè ќе зависи од неколку играчи, но покажавме дека грешат“, изјави Кари.

Воините имаат шанса да бидат четврт тим во историјата на НБА кој ја освоил шампионската титула три сезони во низа, по Бостон, Лејкерс и Чикаго, додека со Келтите тие се единствени кои се пласирале во едно финале пет години во низа.

Сега ќе имаат повеќе од една недела да се одморат и да се подготват за последната задача, а тоа е да ја одбранат титулата. Во финалето го чекаат подобриот од серијата меѓу Милвоки бакс и Торонто репторс, а по три меча Милвоки води со 2-1.

- Оглас -

Најнови вести