Кариерата ќе ја заврши како Вардарец – Дибиров останува „црвено-црн“ до 2023 година

Тимур Дибиров ја продолжи соработката со Вардар до 2023 година и најверојатно ќе ја заврши својата кариера во „црвено-црниот“ дрес.

Легендарниот руски играч кој со нашиот најдобар ракометен колектив освои две титули во Лигата на шампионите имаше актуелен договор до крајот на оваа сезона, а раководството и самиот тој беа расположени за продолжување на соработката.

„Среќен сум што отанувам во Вардар. Не можам да се замислам во друг дрес и друг клуб. Им благодарам на сите за поддршката што ми ја даваат. Со клубот се договоривме за продолжување на соработката и заедно да постигнуваме резултати како и досега“ изјави Тимур Дибиров.

Тој во Вардар дојде во 2013 година од Чеховски Медведи и стана еден од милениците на навивачите на овој тим, па и на целокупната македонска јавност.

Тимур во моментов има 38 години, а по крајот на договорот ќе има 40, со што речиси со голема сигурност може да се каже дека кариерата ќе ја заврши играјќи во „црвено-црниот“ дрес.

- Оглас -

Најнови вести