Хрватот Иво Карловиќ со 6-4, 6-4, 7-6 го победи италијанскиот квалификант Андреа Арнаболди и стана најстариот тенисер од 1975 година наваму, кој добил меч на гренд слем турнирот Вимблдон. На доктор Иво му требаа 1 час и 44 минути игра за да се пласира во второто коло, во кое за ривал ќе има еден друг Италијанец, Томас Фабијано.
И Фабијано привлече внимание бидејќи во пет сета го елиминираше шестиот на АТП-листата, Стефанос Циципас. Поразите на шестиот Циципас и петтиот Александер Зверев (освои само еден сет против Чехот Весели) се најголемите изненадувања на првиот ден од турнирот кој го нарекуваат неофицијално светско првенство и се игра на тревната подлога.
Сепак, ѕвезда на денот е џинот Карловиќ кој со рутинска победа на возраст од 40 години и 136 дена влезе во историјата. Постари победници на мечеви на Вимблдон биле само Кен Розвел и Нил Фрејзер, кои играа во 1975 година, а најстар учесник на Вимблдон во новата тениска ера бил Боб Хаув, кој во 1971 година имаше речиси 46 години.