Кармело: Срамота ќе биде ако Лејкерс не ја освои титулата во НБА

Ветеранот Кармело Ентони, кој е една од новите ѕвезди на Лос Анџелес лејкерс и го збогати тимот со докажани кошаркари, сите над 30 годишна возраст, смета дека ако Езерџиите не ја освојат титулата во НБА со ваков ѕвезден состав, тоа би било потфрлање како она во 2004 година, кога репрезентацијата на САД не го освои златниот медал на Летните олимписки игри во Атина.

Лејкерс во составот ги има Леброн Џејмс, Ентони Дејвис, Расел Вестбрук, Двајт Хауард, Кармело Ентони, Деандре Џордан и Реџон Рондо, играчи кои заедно прават бројка од 48 места во идеалната петорка на НБА низ кариерите. Досегашниот рекорд беше 38, кога Лејкерс во 2004 ги имаше Карл Мелоун, Шекил О‘Нил, Коби Брајант и Гери Пејтон. Тогашниот тим на Лејкерс во големото финале беше разбиен од Детроит.

„Ова веројатно ми е најважна сезона во кариерата. Нема притисок, но се знае што е целта. Кога имате шанса, треба да ја искористите. Не смее да има оправдување, мора да ја освоиме титулата. Ако не успееме, би биле како репрезентацијата на САД на олимпискиот турнир во 2004 година, така би се чувствувал“, изјави Ентони, кој има 37 години и ја брка првата НБА-титула во кариерата.

- Оглас -

Најнови вести