Катарците нека ги купат и Меси и Роналдо, па може и ќе ја освојат Лигата на шампионите

Не е лесно да се прифати дека сте загубиле финале, тагата е разбирлива, ама оние од ПСЖ како можеа да бидат толку убедени во европската титула кога во финалето против нив беше тим кој ги победи сите противници кои му се најдоа на патот. Баерн заслужено си слави, честитки до сите фанови и сите кои се обложија во триумф на Баварците.

Уште кога ја прегази Барселона, Баерн покажа дека во моментов е најдобар ТИМ во Европа. Го имаат најдобриот стрелец во Европа, ама и кога на Левандовски не му оди најдобро, а тоа ретко се случува сезонава, тука секогаш ќе се најде некој Коман, Дејвис, Милер, Перишиќ, Гнабри и ќе те победат додека се свестиш. Имаат и победнички менталитет, искуство, сето тоа носи успех.

ПСЖ имаше и среќа во ждрепката. Ги елиминираа просечните во европски рамки, Борусија Дортмунд (одвај за еден гол, ама заслужено), Аталанта (на среќа) и Лајпциг (противникот одигра очајно), и се запалија дека ќе стана прваци. Полека, каде се залетавте? Не дека не можеа, ама во финалето покажаа незнаење и неискуство. Утнаа некои шанси какви што играчи кои земаат огромни плати не смеат да не дадат гол од такви позиции.

Сега Баерн во следните веројатно десетина месеци (дај боже да не бидат повеќе, туку финалето да си се игра според календарот) ќе го нарекуваме актуелен европски шампион, а на ПСЖ му останува да потроши уште 1 милијарда евра, па да си ги зголеми шансите за прва европска титула. Барса им бара 700 милиони за Меси, којзнае можеби и ќе платат, а има луда комбинација дури и Кристијано да дојде кај нив, што е скоро невозможна мисија. Роналдо, Меси, Нејмар и Мбапе во ист тим, тоа е нешто незамисливо колку и катарските газди да имаат амбиции да направат таков „дрим-тим“.

Ќе треба и да си ја стегнат одбраната по заминувањето на Тијаго Силва, а и во средина ќе им треба уште некој, па да бидат рамо до рамо со воиграниот и растрчан Баерн.

Лигата на шампионите заврши, барем онаа од претходната сезона, сега на фудбалското мени пак ќе се фокусираме на лигите, додуша не е за жалење и овој период, има еден куп фудбали, тениси, кошарки, ќе се уплаќаат тикети и пред да почне новата сезона во најсилните лиги и европските купови.

- Оглас -

Најнови вести