Катастрофа во најава: ЕХФ го условува играњето на Вардар во ЛШ, од Црвено-црните се бараат еден милион евра!

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 се наоѓа под истрага на Европската федерација, ЕХФ, и учеството на вардарци во Лигата на шампионите за следната сезона е ставено под прашалник. Клубот ќе игра само ако депонира еден милион евра на сметката на ЕХФ.

Вардар во минатата сезона не ги исполнил потребните финансиски услови, па затоа сега на две рати ќе треба да плати депозит од милион евра. Депозитот ќе се искористи за покривање на долговите кои клубот ги има кон поранешни играчи уште од времето кога прв човек беше Сергеј Самсоненко. Првата рата од половина милион евра Вардар 1961 треба да ја плати до 13 јули, а втората до 27 јули.

Ако тоа не се случи, Вардар нема да добие лиценца за настап во ЛШ и на негово место во европската елита ќе игра Горење Велење од Словенија.

По заминувањето на Самсоненко, клубот го презеде Михајло Михајловски и стана нов правен субјект под името Вардар 1961. Новиот Вардар нема долгови, па од клубот велат дека ЕХФ нема правна основа за нивно елиминирање од ЛШ поради долгови од времето на РК Вардар. Самсоненко ветил дека ќе си ги подмири, но досега тоа не се случи.

- Оглас -

Најнови вести