Ќе играме викторија против следниот противник – Лихтенштајн не шутна ниеднаш кон голот на Ерменија

Лихтенштајн е противник по мерка за Македонија по несреќниот пораз вчера од Романија со 3:2 во Букурешт на стартот од квалификацискиот циклус за настап на Мундијалот во Катар.

Се работи за една од најслабите фудбалски селекции во Европа, а го потврдија тоа и вчера на стартниот дуел за нив во нашата група. Како домаќини загубија со 0:1 од Ерменците, но победата на гостите требаше да биде многу поубедлива, бидејќи апсолутно доминираа.

Лихтенштајн играше класичен бункер и изгледа невозможно, но е вистинито, дека не упатија ниту еден удар ниту во рамките на голот на Ерменците, ниту надвор од него, а ефектот е 0:26 во корист на селекцијата што победи.

Македонија треба да се подготви за ривал што задутре на националната арена „Тодор Проески“ ќе го игра италијанското катеначо, односно со сите сили ќе се брани, што би значело дека ќе се игра популарната викторија пред голот на Бухел, кој е голман на Вадуз.

Нашите репрезентативци одлично го познаваат 31-годишнито голман, кој прими шест гола на два меча во историскиот циклус за Македонија во Лигата на Нации, премиерен во 2018 што ни донесе пласман на Европското првенство.

Го победивме Лихтенштајн со 4:1 дома со два гола на Александар Трајковски, еден на Горан Пандев и еден на Алиоски, а потоа бевме подобри и на гости, а Бухел двапати ја вадеше топката од мрежата по ударите на Енис Барди и на Илија Несторовски на „Рајнпарк“ во Вадуз.

Против Лихтенштајн имаме 8 победи на девет меча, меѓу нив и највисоката од 11:1 во историјата на нашиот фудбал, а потфрливме само во 2002 кога аутсајдерот успеа да ремизира 1:1 во квалификациски меч за настап на ЕП 2004 година.

Македонија има постигнато вкупно 33 гола и примено само пет во деветте меѓусебни дуели со следниот наш гостин, на 28. март во Скопје, во вториот квалификациски меч за СП, што ќе почне од 20.45 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести