Наполи е на ред да се обиде – Никој не го победил Меси на „Камп Ноу“ во осминафинален меч (Фото)

Наполи се надева на подвиг на „Камп Ноу“ на 8. август во реванш дуелот од осминафиналето во Лигата на шампионите, но каталонските медиуми потсетија на еден факт што треба да ги загрижи Елмас и соиграчите.

Лионел Меси е среќната амајлија на Барселона и со него во составот, петкратниот европски првак никогаш не загубил меч од осминафиналната рунда на „Камп Ноу“.

Аргентинецот има импресивен биланс од 12 победи по ред во првата нокаут рунда кога Барса играла дома, а постигнал 19 голови на 14 меча.

И сега како што е и вообичаено се очекува да биде најсилниот адут на Каталонците за пробив во четвртфиналето, иако овојпат и за првпат откако игра за Барселона ќе ја нема публиката како поддршка од трибините на култниот стадион.

Првиот меч во Неапол заврши нерешено 1:1, а победникот од овој двомеч ќе игра против Баерн, или Челзи. Баварците се големи фаворити за следен ривал на Барса во четвртфиналето, бидејќи ќе го играат реваншот со англискиот тим на свој терен, а имаат и огромна предност од 3:0 од „Стемфорд Бриџ“.

Тие два меча од осминафиналето ќе се играат на 8. август, а ден претходно Јувентус во Торино ќе брка негатива од 0:1 против Лион, додека во дербито на осминафиналната реванш-рунда Манчестер сити ќе му биде домаќин на Реал Мадрид со позитива од 2:1 од „Сантијаго Бернабеу“.

 

- Оглас -

Најнови вести