Ќе успее ли Модриќ со трофеј да ја заврши блескавата репрезентативна кариера, Холандија прва пречка

Од денеска, па до 18 јуни во Холандија ќе се игра заршниот турнир на третото издание на Лигата на нациите. Домаќинот, Хрватска, Шпанија и Италија ќе се борат да им се придружат на Португалија и Франција како победници во Лигата на нациите.

Првото полуфинале ќе се игра вечерва, во 20.45 часот на стадионот „Де Кајп“ во Ротердам, Холандија и Хрватска ќе бијат битка за пласман во финалето.

Единствената титула Холандија што ја освои беше во 1988 година, кога генерацијата предводена од Марко ван Бастен и Руд Гулит славеше на Европското првенство во Германија. Никогаш пред тоа ЕП, но и по него Лалињата не освоија трофеј, иако во трите финалиња на Светските првенства играа фудбалери како Јохан Кројф, Арјен Робен, Весли Снајдер…

Селекторот Роналд Куман, кој се врати на селекторската функција, е оптимист и верува дека неговите фудбалери можат да го освојат трофејот.

„Добро сме подготвени, добро трениравме и јас сум оптимист, иако Хрватска е силна селекција. Секако, секогаш сме под притисок и тоа е нормално. Играме дома, но ќе има многу навивачи и од Хрватска. Важно е да победиме, имаме добар тим, многу добри играчи. Верувам дека ќе покажеме победнички менталитет“, изјави Куман.

Куман верува дека и традицијата ќе им помогне на неговите фудбалери бидејќи Лалињата на стадионот на Феенорд, „Де Кајп“, немаат пораз 23 години.
„Со години немаме пораз во Ротердам, верувам дека тоа ќе биде предност за нас.“

Противникот на Холандија е специјалистот за големи натпреварувања и тим кој е предводен од фудбалскиот генијалец Лука Модриќ, кој најави заминување во репрезентативна пензија.

Хрватска на последното СП во Катар го освои третото место, а на СП во Русија во 2018 година беше втора. На завршниот турнир во Лигата на нациите дојде како првопласирана во својата група во конкуренција на Франција, Данска и Австрија.

„Нема да биде лесно, нè очекува натпревар против домаќинот на турнирот кој се враќа во врвот на светскиот фудбал, каде што и припаѓа. Но, ние дојдовме по медал, па направиме добар резултат. Сакаме да испишеме историја, подготвени сме за големи работи. Јас сум оптимист, ја видов нашата енергија и желба“, вели селекторот на Коцкестите, Златко Далиќ.

Утревечер ќе се игра второто полуфинале меѓу Шпанија и Италија, а финалето е закажано за 18 јуни во Ротердам.

- Оглас -

Најнови вести