Ќе загуби ли Надал од неговиот наследник? Рафа: Многу ме потсетува на мене кога имав 17-18 години

Карлос Алкараз е новата шпанска тениска надеж. Момчето кое има само 18 години, има неверојатен прогрес во светскиот тенис па за помалку од две години напредуваше над 300 позиции на АТП листата и сега е во Топ 20.

Алкараз одлично ја започна 2022 година и досега има победи на 12 од 13-те меча, со што само потврдува дека е во одлична форма. На патот до полуфиналето на Индијан Велс, младиот Шпанец без многу проблеми ги елиминираше Баутиста, Монфилс и Нори, сите тројца тенисери со реноме.

Сепак, сега за Алкарез доаѓа најголемиот предизвик. Ќе игра против неговиот сонародник Рафаел Надал. Токму Надал е идол на Алкарез, кој признава дека како дете имал постери во собата од Надал.

Според играта и тенискиот развој, Алкарез веќе потсетува на Надал. Во Умаг минатата година го освои првиот АТП турнир, а на првиот Гренд слем на кој настапи стигна до четвртфиналето на САД Опен. Надал на исти години како Алкарез го освои првито АТП турнир и влезе во Топ 20 на АТП листата.

„Мислам дека Карлос ќе има одлична кариера. Ги има сите потребни карактеристики и страста. Доволно е скромен и работи многу напорно. Карлос многу ме потсетува на себе кога имав 17-18 години. Мислам дека има страст, талент и физички е одлично подготвен“, рече Надал за својот следен ривал.

Двајцата Шпанци веќе еднаш имаат играно меѓусебе и тоа на турнирот во Мадрид. Рафа тогаш немаше никакви проблеми и со 6:1, 6:2 го победи тинејџерот и тоа на денот на неговиот 18-ти роденден. Сепак, Алкарез многу напредуваше во последните неколку месеци и сега ќе се обиде да му го нанесе првиот пораз на Надал во 2022 година.

 

- Оглас -

Најнови вести