Ќерките на Пеле бараат од Сантос да ја пензионира „десетката“

Бразилскиот фудбалски тим Сантос, во кој Пеле настапуваше 18 сезони, откри дека планира да го пензионира дресот со бројот 10, кој во текот на својата кариера го носеше легендарниот фудбалер.

Иницијативата за пензионирањето на „десетката“ ја покренаа ќерките на Пеле, кои побарале од Сантос, повеќе никој да не го носи дресот со бројот 10.

„Ќе му предложиме на Управниот одбор да донесе таква одлука. Според статусот, мора да има средба на членовите на одборот и тие да ја одобрат оваа одлука. Во меѓувреме, во јануари со административен акт привремено ќе донесеме одлука да се забрани носењето на дресот со бројот 10 и се надеваме дека потоа управниот одбор таа одлука ќе ја потврди. И претходно имаше ваква иницијатива, но многумина мислеа дека е подобро да му се оддаде почит на Пеле така што неговата „десетка“ и понатаму ќе ја носат нашите играчи“, изјави претседателот на Сантос, Андрес Руеда.

Моментно, „десетката“ во Сантос ја носи репрезентативецот на Венецуела, Јеферсон Сотелдо.

Едсон Арантес до Насименто Пеле играше за Сантос од 1956 до 1974 година.

- Оглас -

Најнови вести