Кико Касилја потпиша за Лидс до 2023 година

Лидс јунајтед, чиј член е македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски, доби засилување на голманската позиција, а тоа е искусниот Кико Касилја, кој доаѓа од Реал Мадрид. Кико беше трети голман во Реал, но во Лидс може да биде главен (конкуренција му се Бејли Пикок Фарел и Вил Хафер) и да му помогне на тимот во трката по пласман во Премиер лигата.

Договорот на 32-годишниот Касилја е до летото 2023 година. Тој за Реал бранеше на 43 меча во последните три сезони и има три титули европски првак. Кико во Лидс го доби дресот со бројот 33.

Касилја по пристигнувањето во Англија, го даде и првото интервју за клупската интернет-страница и освен неизбежните изјави дека му е мило што дошол во клуб со голема историја и многу навивачи, кажа дека ќе му биде задоволство да работи со тренерот Марсело Бјелса.

„Луѓето уште 30-40 години ќе зборуваат за тимот на Реал кој освоил три титули по ред во Лигата на шампионите, ми беше задоволство што бев дел од тоа пишување на историјата, но тоа веќе е минато за мене. Се фокусирам на иднината. Сакав да тренирам уште денеска, но не е можно поради документите за работа и лекарскиот преглед. Се надевам дека брзо ќе се запознаам со новите клупски колеги“, рече Касилја.

 

- Оглас -

Најнови вести