Кирјос повторно проговори за борбата со депресијата: Надал ме чека на Централниот терен на Вимблдон, а јас сум кај психијатар

Австралискиот тенисер Ник Кирјос повторно зборуваше за неговата борба со депресијата и откри дека бил на испитување во психијатриска клиника, каде што се обиделе да го задржат на лекување.

Кирјос, кој неодамна призна дека размислувал и за самоубиство, сега изјави дека посетата во психијатриската клиника го натерала да направи драстични промени во животот и да заборави на алкохолот, ноќните забави и нездравиот начин на живот.

„Кога размислувам за тие моменти, не се чувствувам ниту тажно ниту среќно, тој дел од животот е завршен и веќе е зад мене. Но, навистина беше хаотично, воопшто не размислував во тоа време, секоја вечер пиев алкохол и мислев дека сето тоа е забава. Но, всушност со таквиот начин на живот си нанесував бол. Потоа морав да одам во психијатриска клиника во Лондон, а следниот ден требаше да играм против Надал. Иако претпоставуваа дека сè е во ред со мене, откако одговорив на прашањата, ми рекоа дека треба да останам тука уште две недели, па потоа повторно да ме прегледаат. А јас требаше да играм против Надал следниот ден“, открива Кирјос.

Тој ја напуштил клиниката, но и сфатил дека мора од корен да го промени својот живот.

„Се погледнав и си реков дека морам да го променам начинот на живот. По телото имав траги од повреди кои самиот си ги нанесував. На Централниот терен во Вимблдон морав да носам маичка со долги ракави. На турнирот во Акапулко, Мексико, имаше моменти кога размислував и на самоубиство. Седев на терасата во хотелот и да бидам искрен, размислував за такво нешто. Но, во тие моменти луѓето од мојот тим ми рекоа, мораме да играме за 10 минути. На крајот се појавив на теренот, одиграв одлично и го освоив турнирот“, вели Кирјос.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести