Кливленд без Леброн е „нула“, но и „кралот“ не може сам во ЛА

Кливленд кавелирс во изминативе четири сезони во НБА лигата, секогаш беше дел од големото финале. Во овој период Кливленд успеа да освои една титула, а три пати губеше од Голден Стејт. Клубот кој се постави како еден од најдобрите во изминативе години, во новата сезона е најголемо разочарување.

Без разлика кој е противникот, Кливленд сега реди само порази. Ноќеска, „коњаницата“ на свој терен загуби од Индијана со 107:119. Ова е шести пораз во исто толку меча за Кливленд сезонава и е најслаб клуб во лигата.

Со овие резултати кои сега ги постигнува, се гледа кое било влијанието на Леброн Џејмс во екипата. „Кралот“ си замина од Кливленд, а еве сега без него, тие не можат да победат ни на еден натпревар.

Кливленд дефинитивно е очаен, но ништо подобар не е ни новиот клуб на Леброн. Лос Анџелес лејкерс го претрпе четвртиот пораз во шестиот дуел. Овојпат „езерците“ загубија на гости кај Сан Антонио со 106:110.

Џејмс беше одличен и даде 35 поени, а имаше и 11 скока и 4 асистенции, за 34 минути поминати на теренот. Сепак, освен Џејмс останатите играчи на Лејкерс како да беа заспани. Кузма даде 15 поени, а другите беа под потребното ниво.

Во останатите мечеви одиграни ноќеска: Детроит – Бостон 89:109, Њу Орлеанс – Јута 111:132, Атланта – Чикаго 85:97, Филаделфија – Шарлот 105:103, Мемфис – Феникс 117:96, Мајами – Портланд 120:111, Милвоки – Орландо 113:91.

- Оглас -

Најнови вести