Клоп и Гвардиола почнаа да „се силат“ пред големото дерби

Ливерпул против Манчестер сити е дербито на викендот во Европа, а се игра утре попладне. Иако има уште до стартот на средбата, тренерите на двата тима почнаа да ја загреваат атмосферата пред мечот. Јирген Клоп и Пеп Гвардиола кои важат за едни од најдобрите во својата работа, веруваат во успех на својот тим.

Клоп со Ливерпул ја имаат улогата на домаќини. Германскиот стратег е полн со оптимизам, посебно поради фактот дека минатата година, „црвените“ успеаа три пати да го победат Манчестер Сити (два пати беше во Лигата на шампиони).

„Убеден сум дека можеме да ги победиме. Лани три пати бевме подобри и верувам дека и сега ќе бидеме. Треба да го дадеме најдоброто од нас. Најважно е да ги држиме подалеку од нашиот гол, но во исто време ќе треба да создадеме шанси во нападот. Го почитувам Манчестер сити и сите во тимот знаат дека ќе биде тешко“, вели Клоп, кој додаде дека сега треба да се види победничкиот карактер на екипата и да се покаже дека поразот од Наполи во ЛШ е заборавен.

Манчестер сити како шампион патува на „Енфилд Роуд“, а се надева дека по овој меч ќе биде осамен на врвот на табелата во Премиер лигата.

„Верувам во моите фудбалери. Знам дека секогаш напорно се трудат, без разлика на резултатите. Знам дека Сити оддамна не се радувал на „Енфилд роуд“, но мислам дека е време тоа да се промени. Без разлика што и да се случи, овој меч нема да има никаква улога во трката за титулата, бидејќи има уште многу да се игра до крајот“, вели Гвардиола, кој загубил на сите три гостувања против Ливерпул како тренер на Сити. „Граѓаните“ цели 16 години чекаат на победа на гости кај Ливерпул и се надеваат дека утре е тој ден кога ќе биде прекината оваа лоша традиција.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести