Клоп: Играме против Реал, тоа е најголема мотивација

Ливерпул вечерва гостува во Мадрид кај Реал во првото четвртфинале во Лигата на шампионите. Како реприза од финалето од сезоната 2017/18, Црвените целат на реванширање за тој пораз, иако Клоп не сака да се сеќава на лошите моменти од разочарувањето во Киев.

За Клоп нема поголема мотивација од тоа неговата екипа да докаже дека е уште една од најдобрите во Европа токму против најтрофејниот клуб во елитното натпреварување.

„За мене е најважно да му покажеме на светот дека уште сме добри како претходно, а сакам и на навивачите да им покажеме дека уште се бориме за секој трофеј. Играме против Реал, нема поголема мотивација од тоа. При ждрепката секако дека се сетивме на финалето од Киев бидејќи тоа беше нашата последна пресметка, но тоа нема никаква врска со сегашниот предизвик. Сакаме да се пласираме во полуфиналето, а ќе го сториме тоа само доколку дадеме повеќе гола од Реал“, посочи Клоп.

Новинарите го прашаа Германецот дали ќе му биде жал доколку во кариерата барем еднаш не се проба на клупата на Кралевите.

„Ако кариерата ми заврши само со три екипи кои сум ги водел, Мајнц, Дортмунд и Ливерпул, нема да ми биде жал. Нема да се жалам и доколку не стигнам до клупата на Реал. Искрено, малку им подзавидувам поради временските услови. Тука е топло, а ние во Англија смрзнуваме. Ние чекориме по потешкиот пат и работиме на потежок начин“, додаде Германецот.

Дуелот Реал Мадрид – Ливерпул е предвиден за стандардниот термин од 21 часот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести