Клоп имал лудо пијанство – спиел во камион и се возел со заклани овци!

Јирген Клоп за еден документарен филм раскажа приказна која потсетува на сценариото од филмот „Мамурлук“, и призна дека еден ден толку многу се опиле со претседателот на Борусија Дортмунд, што не знаеле каде се наоѓаат.

Клоп кој сега има 52 години и со Ливерпул има историска сезона во Премиерлигата, а неговиот тим е и актуелен европски и светски клупски првак, важи за еден од најдобрите тренери на светот. Кога ја освоил бундеслигашката титула со Борусија Дортмунд во сезоната 2010/2011, ептен се „начукал“.

„Бев разбиен, тоа можеше да се забележи и во некои интервјуа. И оние работи на кои што се сеќавам, немаат смисол. Се сеќавам на една работа за која не сум сигурен дали некогаш сум ја кажал јавно. Се разбудив во камион во гаража. Сосема сам. На тоа се сеќавам, но врска немам како сум се нашол таму и што се случувало претходно. Се симнав од камионот и сфатив дека сум во фабрички хангар. Видов човек, почнав да му свирам, и забележав дека тоа е Ханс Јоаким Вацке, претседателот на Борусија. Јас и тој бевме единствените луѓе во хангарот“ – рече Клоп.

Вацке има уште појака верзија на настаните.

„Јирген беше готов. Ми рече мора да излеземе некако од тука. Му реков да си ја прибаме среќата и да одиме додека не сретнеме некого. Цел град беше затворен. После десет минути ни се доближи автомобил и скокнав пред него. Тоа беше стар Мерцедес, а внатре имаше Турчин. Не сакаше да не вози, па му дадов 200 евра и прифати“ – додава Вацке.

Двајцата се надоврзаа на муабетот.

„Јас седев позади. Бев уморен и слушнав пи-пи-пи. Помислив дека сонувам, но не. Багажникот беше полн со пилиња. Внатре имаше и три заклани овци. Многу смрдеше“ – се присетуваат тогашниот тренер и претседател на Борусија.

Дортмунд и наредната сезона освои титула во Германија, но Клоп ја наушил лекцијата и се смирил. Како ќе биде кога ќе заврши Премиерлигата, останува да се види.

- Оглас -

Најнови вести