Клоп најави дека Холандија ќе биде без капитенот на Европското првенство

Најскапиот дефанзивец во историјата на фудбалот Вирџил ван Дајк повеќе од шест месеци е надвор од теренот поради повреда. Ван Дајк заработи повреда на вкрстените лигаменти на десното колено на дербито против Евертон, одиграно на 17 октомври минатата година. Две недели подоцна, Ван Дајк беше опериран и сега точно шест месеци е на рехабилитација.

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека нема шанси Ван Дајк да се врати до крајот на сезоната, а очекува дефанзивецот да го пропушти и Европското првенство. Ван Дајк е капитен на Холандија, селекција која е во иста група со Македонија на континенталниот собир.

„Вирџил имаше тешка повреда на коленото. Не сакам да го сопирам, но мислам дека не треба да игра на Европското првенство. За да играш на таков турнир на високо ниво, треба да бидете подготвени за тоа. Не може да пропуштите 10-11 месеци и потоа да тренирате една недела и да играте. Тоа е невозможно. Никој не сака да го задржува Вирџил, но никако не треба да се форсираат работите. Уште не е јасно кога ќе се врати во тренажен процес. Се зависи од него“, рече Клоп околу ситуацијата со повредата на Ван Дајк.

Европското првенство ќе се игра од 11 јуни до 11 јули, а Холандија против Македонија ќе игра на 21 јуни во Амстердам. Во нашата група се уште и репрезентациите на Австрија и Украина.

- Оглас -

Најнови вести