Клоп се буди сред ноќ поради голот што го прими од Лидс во 90+1 минута

Ливерпул утревечер на свој терен го пречекува Наполи во меч од последното коло во групната фаза од Лигата на шампионите. Ливерпул и Наполи се сигурни патници во нокаут-фазата, што значи дека англискиот гигант одлично игра во елитното европско натпреварување.

Сепак, кога се работи за мечевите во домашното првенство, на Ливерпул не му оди како што сака. По првата третина од Премиер лигата, гигантот од „Енфилд роуд“ има само 16 освоени бодови, што е дури 15 помалку од лидерот Арсенал.

Во саботата Ливерпул на свој терен беше изненаден од Лидс и загуби со 1:2, а гостите погодокот за победа го постигнаа во 90+1 минута. Клоп призна дека тој гол многу го вознемирил, но најави дека нема да прави многу промени во составот за дуелот против Наполи.

„Против Лидс лошо одигравме, но дуелот против Наполи не е момент за да се прават големи промени во составот. Наполи е во неверојатна победничка серија и играат одличен фудбал. Во групната фаза најважно е да се оди понатаму, а тоа го направивме. Што се однесува до Премиер лигата, треба уште многу да работиме и да напредуваме. Мора да ги намалиме грешките“, вели Клоп, кој истакна и една интересна анегдота по поразот од Лидс.

„Имам 55 години и во текот на ноќта некогаш морам да се разбудам неколку пати за да одам во тоалет. Најчесто поради тоа се будам, но овојпат кога се разбудив, во мислите ми беше голот што го примивме од Лидс“, малку во шега објасни германскиот стратег.

- Оглас -

Најнови вести