Клоп пред дуелот со Арсенал: Неопходно е да одиграме најдобро досега

Дербито меѓу Арсенал и Ливерпул ќе го обележи 11-тото коло во Премиер лигата. Ова ќе биде една од највозбудливите средби досега бидејќи „топчиите“ и „црвените“ редовно приредуваат спектакл, додека на Јирген Клоп му е јасно за каков предизвик станува збор.

„Натпревар против Арсенал е секогаш тежок предизвик. Тие се квалитетна екипа, исклучително опасни во нападот, стабилни во одбраната, што значи дека ќе треба да го покажеме нашето најдобро издание досега за да освоиме бодови во Лондон. Пред сè, треба да ги спречиме да постигнат гол“, истакна Клоп.

Ливерпул победи на три од последните четири меѓусебни средби против Арсенал, но Клоп утре за првпат своите тренерски способности ќе ги вкрсти со Унаи Емери.

„Не е мое да споредувам каков беше Арсенал под водство на Венгер со овој Арсенал кој сега го води Емери. Јасно е дека Венгер е еден од најдобрите тренери во историјата, а знаеме колку добар е и Емери. Арсенал и сега, а и претходно, беше и е една од најквалитетните екипи во Премиер лигата“, додаде германскиот стратег.

Ливерпул по 10 натпревари во Премиер лигата, стои рамо до рамо со Манчестер сити на врвот на табелата, и двете екипи имаат по 26 бода, додека Арсенал е на четвртата позиција со 22 бода. Дербито се игра во сабота, со почеток од 18.30 часот.

- Оглас -

Најнови вести