Клоп: Прекрасно е што Дијас беше дел од тимот и даде гол, но треба да слушнеме убави вести од Колумбија

Менаџерот на Ливепрул, Јирген Клоп, смета дека неговите фудбалери требаше да ги освојат бодовите на гостувањето кај Лутон, но и дека ремито е најреален резултат.
Лутон и Ливерпул во рамки на 11-тото коло од Премиер лигата одиграа без победник 1:1.

„Моравме да бидеме подобри, но секоја чест за Лутон. Имавме свои моменти, но не бевме доволно мирни да ја завршиме работата во тие ситуации. Кога имате негатива од 1:0 и потоа дојдете до израмнување, тоа е резултат што мора да ви се допадне. Пред мечот не мислев така, но на крајот ова е резултат кој и двете екипи го заслужија. Лутон се бранеше одлично и секоја чест како одиграа, но сметам дека проблемот е кај нас. Моравме да направиме повеќе со шансите што ги имавме. Но, секогаш е тешка задача да се остане фокусиран до крајот и мислам дека не заслуживме повеќе од бод. Ако ги погледнете шансите што ги имавме, можевме да победиме, но ќе беше незаслужено“, изјави Клоп.

Единствениот гол за Ливерпул го постигна Луис Дијас во 95-тата минута, откако влезе во игра десетина минути порано.

„Тоа беше прекрасен момент од натпреварот од кој не може да се извлечат многу убави моменти. Луис во игра влезе подоцна, но постигна гол. Сепак, тоа не ја менува ситуацијата. Најважно е татко му да биде ослободен. Прекрасно е што имаше желба да биде тука. Луис постигна важен гол за нас, но исто така и за него е многу важен и многу емотивен. Тој постигна гол, но она што навистина ни треба е да слушнеме добри вести од Колумбија“, додаде Клоп.

Родителите на Дијас пред осум дена беа киднапирани во Колумбија додека се враќале дома. Тие биле пресретнати од вооружени лица на мотори. Колумбиската полиција веднаш ја пронашла мајката на Луис Дијас, но сè уште трага по неговиот татко Луис Мануел Дијас.

- Оглас -

Најнови вести