Клоп: Тоа е фудбалот што треба да го играме

Ливерпул и Милан заедно имаат освоено вкупно 13 европски титули, па не е случајно што дуелот на „Енфилд роуд“ беше посебен. Не само поради традицијата и историјата, туку и поради тоа што се случуваше синоќа на теренот, се потврди дека тоа е вистинско дерби.

Англискиот гигант победи со 3:2 во меч на којшто имаше пресврти. Ливерпул имаше водство од 1:0, но потоа Милан со два брзи гола во финишот од првиот дел направи пресврт и на полувреме Росонерите водеа со 2:1. На почетокот на второто полувреме, фудбалерите на Јирген Клоп заиграа многу подобро, а тоа резултираше со нов пресврт. На крајот, Ливерпул славеше со 3:2.

„Многу добро го почнавме мечот. Игравме со страшен интензитет и не му дадовме на противникот да мрдне. Сепак, потоа малку се опуштивме и веднаш бевме казнети. Во нападот бевме незаинтересирани, а во одбраната слабо се браневме. Воопшто не беше пријатно кога примивме два гола, но верував дека можеме да победиме. Знаев дека почетокот на вториот дел треба да биде ист како што беше стартот на мечот. Дадовме два прекрасни гола и задоволен сум. Тоа е фудбалот кој сакам да го гледам кога ние играме. Важно е што стартувавме со победа затоа што групата е тешка. Овој триумф не одлучува ништо, но добро е што почнавме со три бода“, рече Клоп.

 

- Оглас -

Најнови вести