Клубот на Трајковски е најсиромашен во шпанската Ла Лига

Шпанската лига официјално ги објави податоците околу тоа кој прволигаш колкава сума пари издвојува за годишни плати на своите фудбалери, тренери и врабтени во клубот и на чело на таа листа е првакот Барселона со вртоглави 671,4 милиони евра. Барса плаќа 30 милиони евра годишно повеќе од Реал Мадрид за плати на своите вработени. Но, Реал ќе даде 74 милиони повеќе во споредба со минатата сезона, додека Каталонците ќе потрошат 39,3 милиони повеќе од лани.

Далеку зад Барселона и Реал, на третото место е Атлетико Мадрид, кој за плати сезонава ќе потроши 348,5 милиони евра. Следуваат Севилја со 185 и Валенсија со 170 милиони евра, а над 100 милиони предвидени за плати имаат за трошење и Вилјареал, Атлетик Билбао и Бетис.

Леванте на Енис Барди ќе плати 54,6 милиони евра, а најмалку се платени фудбалерите на Мајорка за која настапува Александар Трајковски. Повратникот во шпанското елитно друштво ќе даде „само“ 29,9 милиони евра за плати на своите играчи во текот на сезонава.

Вкупната сума пари коишто шпанските прволигаши ќе ја исплатат за плати е речиси 3 милијарди евра.

И второлигашите даваат многу пари доколку ги споредуваме со нашите или прволигашките клубови од околните земји. Жирона ќе потроши 29 милиони евра за плати, а Фуенлабрада е последна со расходи за плати од 4 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести