Кочов: Оваа победа треба да ја заборавиме, нема да ни биде лесно в четврток

Ѓорѓи Кочов в четврток може да стане четвртиот поединец во историјата на македонската клупска кошарка кој освоил титула и како играч и како тренер. Предводникот на стручниот штаб на МЗТ Скопје смета дека агресивната одбрана во последните пет минути била клучна за победата по која МЗТ е на чекор од нова титула.

„Како и на првата средба, влеговме во грч, утнавме доста отворени шутеви, тоа влијаеше на играта, бевме нервозни поради значењето на мечот, знаевме колку е важно да победиме. Работнички влезе порастоварен, но во последните 4-5 минути кои го решија победникот, одигравме добра и агресивна одбрана. Јас на секој меч очекувам некои поединци да играат на високо ниво, можам да ги пофалам сите како играа одбрана и како се бодреа на теренот и од клупата“, рече Кочов.

Досега никој не освоил титула по 0-2, пред Работнички е невозможна мисија, очекувањата се „штрковите“ со 3-0 да го добијат ова финале, но Кочов не го потценува противникот.

„Ништо не е готово, оваа победа мора да ја заборавиме. Сега пред нашата публика нè чека нова тешка битка, знам дека воопшто нема да ни биде лесно“, додаде младиот тренер.

- Оглас -

Најнови вести