Кочов: Велат дека МЗТ е фаворит, но нема да ни биде лесно

Со дуелот на МЗТ Скопје Аеродром и Слобода Тузла вечерва од 19 часот во „Јане Сандански“ ќе се комплетира првото коло од регионалната кошаркарска Втора АБА лига, или АБА 2. Македонскиот првак важи за фаворит на хартија, тоа го велат и гостите од БиХ, но Штрковите мислат дека нема да им биде лесно подарена победата.

Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, смета дека остварените победи во подготовките (седум од осум меча) не значат ништо ако тоа не се потврди онаму каде што е најважно.

„Задоволен сум од подготовките, од ден во ден напредувавме како тим. Сепак, победите во пријателските мечеви не значат ништо посебно бидејќи официјалните дуели се секогаш нешто друго. Слобода е екипа составена од млади и талентирани кошаркари. Без разлика што ривалот вели дека ние сме фаворити, тоа ќе биде тежок натпревар“, изјави Кочов.

Со ова се согласи и капитенот Дамјан Стојановски, кој најави голема борбеност во текот на сите 40 минути.

„Играњето со силни екипи во подготвителниот период беше добредојдено за да си ги увидиме слабостите и да видиме што треба да поправиме. Немаме премногу сознанија за Слобода, но ако играме како што знаеме, верувам дека ќе победиме“, најави Стојановски, кој е најискусен поединец во реновираниот тим на МЗТ.

- Оглас -

Најнови вести