Кочов: Верувавме во победата

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов, смета дека триумфот на неговиот тим на гостувањето во Сараево кај Спарс е сосема заслужен. Македонскиот претставник во втората АБА-лига водеше во текот на целиот меч, но дури во завршните секунди ја обезбеди победата која го остава осамен на втората позиција на табелата.

МЗТ беше некомплетен (не играа Младеновски, Симоновски и Соколов), но оние што настапија, најдоа начин како да го совладаат директниот ривал за второто место.

„Мислам дека заслужено победивме. Ова беше машки, тврд натпревар. Им честитам на моите играчи за пожртвуваноста и што веруваа во победата“, изјави тренерот на МЗТ.

Марко Трбиќ, кој е тренер на Спарс, се согласи дека победата на Аеродромци е заслужена. Неговиот тим погоди скромни 4 тројки од 29 обиди.

„Не можам да им забележам на играчите за борбеноста и на желбата, но со ваков шут од далечина, тешко е да победиме. Се надевав дека во второто полувреме ќе погодуваме повеќе од отворените шутеви, но ништо. Слабиот шут и нервозата беа пресудни. Со толку утнати зицери, немаше што да бараме против ваков противник кој казнува. Победата на МЗТ е заслужена“, рече Трбиќ.

- Оглас -

Најнови вести