Кога Бејл дава гол, Реал победува

Герет Бејл цели 100 дена немаше постигнато гол во шпанската лига, но кога ја затресе мрежата на Уеска за минимална победа од 1-0, а неколку пред тоа и на „Олимпико“ против Рома, го потврди својот статус на „среќно момче“ за Реал Мадрид.

Кога талисманот Бејл давал гол или голови во дресот на европскиот првак, Реал има фасцинантен биланс од 65 победи, 8 нерешени и само еден пораз. Единствениот пораз на Реал кога Бејл постигнал гол беше во сезоната 2014/15, на гостувањето кај Реал Сосиедад (4-2 за тимот од Сан Себастијан).

Вкупниот биланс на Бејл како играч на Реал е 141 победа, 35 нерешени и 32 порази, но кога тој дава гол, тимот победува во огромен дел од случаите. Бејл вечерва против ЦСКА Москва можеби нема да игра, но ако игра и даде гол, тогаш според оваа традиција, „единицата“ е речиси сигурна.

Дека Бејл е човек за важни голови, потврдува и податокот дека тој погодуваше во три од четирите финалиња во ЛШ, даде легендарен гол за победа против Барселона и во своето единствено финале во шпанскиот куп, како и во финалето на Светското клупско првенство во 2014.

- Оглас -

Најнови вести