Кога игра Еурофарм Работник во ЛШ, не може без драма, реши последната секунда

Еурофарм Работник се израдува на втората победа во Лигата на шампионите откако со 32:31 го победи Савехоф. Како по обичај кога игра битолскиот тим, дуелот се решаваше во последниот напад. Ако сезонава неколку пати Еурофарм ги губеше мечевите во последниот напад, овојпат среќата беше со битолчани. Радовиќ даде гол буквално во последната секунда за победа, која е сосема заслужена.

Гостите први поведоа со 1:0 и 2:1, но потоа Еурофарм со серија од 6:1 стигна до предност од 7:4. Гостите стигнаа до 12:12, а потоа следуваше фуриозен финиш на битолчани. Со серија 6:0, Еурофарм стигна до предност од 18:12 на полувреме.

Водството од шест гола предност беше до 34-тата минута (21:15), а потоа започна веќе препознатливниот пад во играта на Еурофарм. Савехоф ја топеше предност на домаќините и во 53-тата минута стигнаа до 27:27. Од тој момент беше јасно дека ќе биде драматично до самиот финиш.

Иако гостите стигнаа до нерешено, во ниту еден момент не беа во можност да поведат. Еурофарм поведе со 31:30, а Савехоф израмни на 30 секунди до крајот. Во нападот за победа, Радовиќ даде гол во последната секунда за радост на македонскиот тим.

Еурофарм Работник сега има 4 бодови и избега од дното на табелата, каде што сега е тимот на Кокс. Во следното коло, на 2 ноември, битолчани ќе гостуваат токму кај Кокс. За Савехоф ова беше трет пораз по осум одиграни меча.

- Оглас -

Најнови вести