Кога ќе заврши ерата на Ноле, Рафа и Роџер, на крајот Србинот ќе има најмногу гренд слем титули

Неверојатна е доминацијата на триото Роџер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ во светскиот тенис. Никогаш досега немало тројца толку доминантни играчи кои повеќе од една и пол деценија се на врвот. Федерер е рекордер со 20 гренд слем титули, Надал има една помалку, а Новак засега е застанат на бројката 17. Ако се гледаат гренд слем титулите од 2004 година досега, од 65 одиграни врвни турнири, ова трио се има радувано на 55 пехари.

Некогашната најдобра тенисерка на ВТА-листата, Американката Трејси Остин во својата анализа предвидува дека кога ќе завршат кариерите на овие тројца гиганти во тенисот, на крајот Ѓоковиќ ќе биде на првото место по бројот на освоени гренд слем титули, иако Србинот сега заостанува три трофеи зад Федерер.

„Кога ќе заврши целото ова тениско шоу, на крајот Новак ќе биде прв. Така мислам затоа што верувам дека не е многу истрошен и дека има уште добри четири сезони пред него за играње. Тоа се четири сезони во кои може да победи на која било подлога. Надал е најдобар тенисер во историјата на земјена подлога, но сепак предноста е за Ѓоковиќ“, вели Остин, која додава дека токму Србинот имал најтежок пат во кариерата.

„Новак беше момче кое мораше да се пробива за да стигне до тронот. На секој Гренд слем мораше да игра против Рафа или Роџер. Федерер секогаш имаше полесен старт и има освоено неколку Гренд слема пред да се вмешаат Шпанецот и Србинот. Мислам дека Новак имаше најтежок пак, но на крајот ќе има најмногу титули“, заврши некогашната најдобра тенисерка во светот.

Следниот Гренд слем е Ролан Гарос, кој ќе се игра од 24 мај до 7 јуни, а таму главен фаворит е Надал. Шпанецот досега има рекордни 12 титули на земјената подлога во Париз.

 

- Оглас -

Најнови вести